Global HR - Списание за човекови ресурси

Публикација: Како до поквалитетно високо образование? Поврзување на високото образование и пазарот на труд

Е-пошта Печати PDF

Во период на отворање на заеднички европски високообразовен простор, кога од високообразовните институции се очекува да зајакнуваат со цел да станат поконкурентни на глобалниот пазар на високоto образование, тие се соочуваат со критики за несоодветно спроведена трансформација на системот и програмите. Поради пропустите во наставните методи и програми, се доведува во прашање подготвеноста на студентите за брз премин кон пазарот на труд. Имајќи ја предвид оваа ситуација, Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП) спроведе едногодишно истражување за причините за неусогласеноста меѓу високото образование и пазарот на труд.

Проблемот е анализиран од повеќе аспекти со цел да се опфатат што поголем број чинители. Најпрво е понудена статистичка слика на понудата и побарувачката на високообразовани кадри, која потоа се разработува преку квалитативна анализа на знаењата и вештините кои се стекнуваат за време на додипломските студии на универзитетите (според ставовите на наставниот кадар, студентите и анализата на наставните програми) и оние кои се бараат на пазарот на труд (преку анализа на содржината на огласи за вработување, ставовите на претставници на компании и агенции за вработување). Mеѓу големиот број на интересни сознанија, анализата утврдува јаз меѓу профилите кои се нудат на универзитетите и оние кои се бараат на пазарот на труд. Додека јавните универзитети се соочуваат со критики за бавното прилагодување кон пазарот  на труд, приватните се соочуваат со сомнежи за квалитетот на знаењата и вештините на нивните студенти.  

Истражувањето резултира со конкретни препораки до соодветните институции за надминување на проблематичните аспекти и воспоставување на поинтензивна соработка меѓу високото образование и пазарот на труд.

Публикацијата која го содржи истражувањето беше презентирана пред јавноста на 25 ноември, пред публика составена од претставници на високообразовни институции, студенти, претставници на меѓународни организации, експерти за човекови ресурси и медиуми.

Повеќе информации за настанот и целосната публикција, може да најдете на: www.crpm.org.mk

Какви компетенции можат да се стекнат во текот на високото образование?

Во период на екстремно брзиот развој на индустријата, од образованието (особено високото) се очекува да ги следи промените и да реагира соодветно. Разбирливо е дека образовниот систем не е во состојба да се менува со иста брзина како индустријата, но она што може да го направи е да ги обучи учениците/студентите со вештини кои би им овозможиле брзо и лесно прилагодување кон новите услови на пазарот. Во денешната "економија заснована на знаење„, многу поважни од стручните знаења стануваат вештините, како: критичко мислење (способност да се научи како да се учи – т.е. спремност за континуирано учење), креативност и храброст.  

Сепак, македонскиот образовен систем е крут и нефлексибилен. Традиционалните "вредности„ на учење напамет и учење за оценка се сè уште доминантни, а за потребата од развивање на критичко мислење и мотивираност за континуирано (доживотно) учење само се разговара во академските кругови. Колку нашите дипломци во реалноста се стекнуваат со овие вештини и колку тие се спремни за вклучување во глобалниот пазар?

Центарот за истражување и креирање политики во рамки на анализата "Поврзување на високото образование и пазарот на труд„, преку анализа на наставните програми и методите на настава и оценување се обиде да процени какви знаења и вештини можат да се стекнат на додипломските студии на факултетите и колку тие соодветствуваат со она што се бара на пазарот на труд.

Знаењата и вештините во наставните програми

Насоката кон стекнување на одредени компетенции (знаења, вештини, способности и сл.) треба да е јасно поставена во наставните програми на секоја студиска програма. На тој начин тие служат како насока на наставниот кадар во поглед на начинот на изведувањето на наставата и оценувањето на постигнувањата на студентите. Истовремено, им служат на студентите да го прилагодат начинот на учење и да имаат увид во компетенциите кои се бараат од нив да ги совладаат/стекнат.

Сепак, само мал дел од факултетите кои беа анализирани  имаат поставено конкретни цели на наставните програми и специфични компетенции, за кои се очекува да ги стекнат студентите. Оние кои имаат поставено цели само делумно воделе сметка тие да се однесуваат на различните квалитети на знаење (репродукција, разбирање, критичка анализа) и вештини на практична примена. Само во наставните програми на УЈИЕ и ФЕИТ-УКИМ се зацртани конкретни исходи на учењето (знаења, вештини) заедно со методите со кои тие треба да бидат усвоени и оценувани.

Оваа состојба укажува дека на факултетите фокусот сè уште е поставен на помнење и репродукција на предаденото (или напишаното во учебниците) додека квалитетот на усвоеното знаење (флексибилност, динамичност, трајност, апликативност, компарабилност и сл.), процесната компонента на наставата се маргинализира.

Знаења и вештини кои се развиваат преку методите на настава и оценување

Големо мнозинство од наставниот кадар кои учествуваа во истражувањето се изјаснија дека настојуваат да ја усогласат теоријата, апликативноста и практиката во текот на наставниот процес. Некои од најчесто спомнуваните вештини кои се очекува да ги стекнат студентите се:

-    Критичко мислење
-    Практична имплементација на знаењата во реални услови
-    Индивидуална и тимска работа
-    Комуникациски вештини
-    Основни/неопходни познавања од научната дисциплина

Методи на наставата. Иако најголем број од претставниците на наставниот кадар се изјаснија дека им е поважно студентите да стекнат конкретни применливи знаења, сепак во методите на настава сè уште се доминантни предавањето и насоченоста кон стекнување на теоретски знаења, наспроти конкретни вештини.

Поради тенденцијата кон примена на болоњските принципи, дел од наставниците во текот на последниве години се обидуваат да внесуваат измени во методите, при што повремено практикуваат иницирање на дискусии со студентите, презентации на одредени теми од страна на студентите и сл. Оие методи најчесто служат како основа за дефинирање на делот од оценката кој се базира на активност на студентот. Сепак, често нивната примена е формална и се сведува на тоа студентот да предава дел од учебникот.

„Не знам зошто, воопшто, имаме професори кога цело време нам ни даваат да ги предаваме лекциите.„
студент од Правен факултет – УКИМ

Многу ретко се одржува клиничка настава (предавање од страна на стручњак-практичар од одредена област), како и методи на решавање на проблеми преку симулација на реални или фиктивни случаи, иако овие методи од страна на студентите се проценуваат како најкорисни:

„Еднаш кога ни дојде на час, сопственик на ПР-агенција и половина час ни зборуваше што е ПР, ние научивме повеќе од цел семестар предавања. Скроз поинаква претстава сме имале според теоријата што сме ја учеле.„
студент од Факултет за комуникациски науки - УЈИЕ

Дел од факултетите (вообичаено приватните) практикуваат повремена посета на институции со цел студентите да стекнат увид во начините на нивно функционирање. Ова е добра практика која не би требала да се сфати само формално, туку институциите би требало да им понудат информации на студентите кои не би можеле да ги добијат на факултетот. Според студентите овие посети се оценети како особено корисни, но се спроведуваат многу ретко.

„Ние од Правниот факултет имаме потреба да присуствуваме на некои судски процеси, а факултетот тоа не го овозможува. Еднаш самите студенти т.е.,  Унијата на студентите организира да присуствуваме на еден процес  - тоа беше посебно искуство.„
                            студент од Правен факултет –УЈИЕ

Методи на оценување. Коментарите на студентите укажуваат дека по најголем број од предметите се бара репродукција на материјалот од  учебниците, без разлика дали тоа е во форма на тест или есејски прашања.

„Прашањата за испит се вадат од учебник, се вадат од контекст буквално. Теорија.„
студент на Економски факултет-ФОН

Многу ретко се бара некоја повисока форма на знаење (разбирање, анализа, генерализација, апликација на принципи), освен кај студентите од техничките науки каде што е потребно решавање на задачи кои бараат разбирање.

Може да се заклучи дека постои неусогласеност во поглед на искажаните ставови за важноста на практичните вештини од една страна, и методите на наставата и оценувањето кои се користат од друга страна. Ако се појде од логиката дека начинот на кој студентите ќе учат најмногу зависи од начинот на кој ќе бидат оценувани, реално е да се очекува дека тие ќе се стремат кон репродукција и презентација на материјалот, додека нивните вештини за практична примена на знаењето ќе останат во втор план.

Исто така, компетенциите кои се бараат на современиот пазар на труд (вештини за критичко мислење, креативност, мотивираност), според мислењата на најголемиот дел студенти, остануваат недоволно промовирани од страна на наставниот кадар. Ако се има ова предвид, не изненадува податокот дека еден од најголемите проблеми со кои се соочуваат работодавците е да најдат работници кои ќе бидат креативни, флексибилни и спремни на преземење ризици.

Дел од препораките за надминување на овие недостатоци на системот вклучуваат:

-    Вклучување на концептот "исходи/резултати на наставата# во наставните програми со фокус на практичните/трансферабилни вештини. Пренасочување на целта на наставата од "што студентот знае(познава)# кон "што студентот знае да направи#
-    Обука на универзитетскиот кадар во современи методи на настава и оценување, насочени кон развивање на способностите за критичко мислење
-    Поставување на стандарди за оценување на практичните вештини на студентите со цел придавање поголемо значење на овој аспект од постигањата
 
  1. Mark David Milliron, Transcendence and Globalization: Our Education and Workforce Development Challenge, New Directions for Community Colleges, Vol. 2007, Issue 138
  2. Педагошки, Економски, Правен, ПМФ и ФЕИТ на УКИМ; Бизнис администрација, Правен и Комуникациски науки на УЈИЕ и Економски, Правен и Информатички и комуникациски технологии  на ФОН.
3.   Анализа на потенцијалот за добро управување, ФИООМ, 2007, стр. 41

Центар за истражување и креирање политики (ЦИКП)

Број 11/јануари 2010 година

Последно освежено ( Понеделник, 11 Јануари 2010 16:22 )  
Банер
Банер
Банер

Најава

Вие сте тука: