Global HR - Списание за човекови ресурси

Лекторот-задолжителен ресурс во организацијата

Е-пошта Печати PDF
Следејќи ги актуелните настани коишто се случуваат со спроведувањето на Законот за употребата на македонскиот јазик (Сл. весник бр.5/30.01.1998), а со оглед на инспекциската контрола од надлежното министерство, иницирано од Законот за дополнување и изменување на Законот за употребата на македонскиот јазик (нужно) ја наметнуваат потребата од ангажирање на овластен лектор во организациите.

За појаснување го цитирам членот 5 од Законот:
„Македонскиот јазик, покрај употребата во органите на државната власт, во органите на единиците во локалната самоуправа и градот Скопје, се употребува и во׃
- трговските друштва, претпријатијата, установите и другите правни лица регистрирани во Републиката,
- називите, рекламите и плакатите на правните лица,
- називите и упатствата на производите, лекарствата, етикетите, фактурите и слично,
- обележување на јавните места,
- натписите во средствата за јавен превоз и во јавните објекти,
- титлувањето, односно синхронизирањето на филмовите и емисиите на странски јазик што се прикажуваат јавно,
- титлувањето, односно синхринизирањето снимки на македонски јазик што не се во согласност со член 1 став 2 на овој Закон, а што одложно се емитуваат,
- меѓународните договори и другите меѓународни акти што ги склучува Републиката и
- други слични случаи.“
Следствено, секој текст којшто е објавен или има јавен карактер треба да биде лекториран, затоа што доколку текстот не е подложен на лектура со Законот за дополнување и изменување на Законот за употребата на македонскиот јазик во согласност со чл.1 „глоба во износ од 2500 до 3000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок...за објава на нелекториран текст“, понатаму „глоба во износ од 700 до 900 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршокот на одговорното лице во правното лице“.
Освен ова, целта којашто сакам да ја истакнам е мотивирана од мојата неизмерна љубов кон јазикот и моето силно чувство кон истиот. Јазикот е нашето духовно богатство, тој е дел од нас и од нашиот идентитет. Од друга страна, секој оној којшто го употребува македонскиот јазик при пишување на текстови од кој било тип не е обврзан доследно да ја познава граматиката, правописот, лексиката и сл. За таа цел постојат специјализирани овластени лица кои имаат завршено соодветно образование и го имаат положено лекторскиот испит и кои, според Законот, „дејноста можат да ја вршат како слободно занимање“ (ова значи дека лекторот може да биде вработен во која било организација, но дополнително да лекторира). Едновремено, науката за јазикот вели дека стабилноста и конзервативноста се едни од главните карактеристики на стандарднојазичната норма, така што лекторот треба да има обемни познавања од оваа наука и неговата одговорност е многу голема во таа смисла.
Наедно, сакам да истакнам дека нелекторираниот текст ја губи својата моќ и писмениот читател наместо да се усредоточи на содржината, тој ќе ги лови правописните грешки и на таков начин постои голема веројатност да се раскине врската меѓу него и текстот, дотолку повеќе ако се развие чувствен однос. Лектурата, освен што има за задача да го исчисти текстот од јазичните грешки, таа го прави текстот уште попривлечен со тоа.
И конечно, јазичниот израз на авторот секогаш има индивидуална обоеност и за да се зачува автентичноста на манифестната мисла, потребна е лекторската интервенција, за кохезијата да биде појака, поправо, лекторот е латентниот душевен извор на текстот.   

Лорета Шкиљевиќ

Број 11
јануари/2010 година
Последно освежено ( Понеделник, 18 Јануари 2010 11:23 )  
Банер
Банер
Банер

Најава

Вие сте тука: